
Денес, во дворот на Општина Гази Баба, заедно со директорот на СОЗР, Ивица Томовски ги промовиравме новите регистарски таблици во боја на општинските службени возила, информираше градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски.
Ова е дел од владиниот проект за јасна идентификација на службените возила, а, како што вели Стефковски, Гази Баба е една од првите општини во Македонија што ја имплементира оваа препорака.
„Ова е втор чекор што го преземаме во борбата против можни злоупотреби. Првиот чекор е 24-часовен систем за следење на движењето на сите општински возила, воведен уште на почетокот од мандатот“, посочи градоначалникот.
Тој во објавата на Фејсбук додаде и дека завршило времето кога службените возила се користеле како лична сопственост.
„Нема веќе носење на возилата дома. Нема повеќе возење без оправдана потреба. А јас – како градоначалник – четири години мандат и ниту еден ден немам користено службено возило. Тоа е личниот пример што го давам“, истакна Стефковски.