Промовирана Стратегија за поддршка децата на улица во Град Скопје

Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ заедно со Центарот за социјална интеграција и поддршка (СЕИЦ) ја промовираше Стратегијата за унапредување на правата на децата на територија на Град Скопје, изготвена во рамки на проектот „Стратегија и Акциски план за унапредување на правата на децата и Акциски план за поддршка на децата на улица/улични деца во Град Скопје“, каде што беа презентирани приоритетите, стратешките цели и активностите од ученици од средните училишта што учествувале во проектот.

Претседателот на „Меѓаши“, Драги Змијанац, истакна дека досега нема ниту еден локален план за детските права и токму затоа оваа Стратегија на Град Скопје и акциските планови се пионерски чекор да се поттикнат општините да донесат активни, а не само декларативни планови, кои ќе ги уживаат децата.

– Ги поттикнуваме градоначалниците да се заложат за подобри општини за децата и да им овозможат да го практикуваат детскиот активизам и нивното учество. Го повикуваме Градот Скопје, градоначалничката и претседателот на Советот, вклучувајќи ги и советниците, да не застанат тука со овој документ, туку ова да им биде работна задача. Ние им даваме готова стратегија, готови акциски планови, ако чекаат ние и да ги спроведуваме, грешат. Можеме да им бидеме партнери во спроведување, истакна Змијанац.

Тој посебно се осврна на децата на улица, нагласувајќи дека се додека тие од рана детска возраст се исклучени од градинките и од училиштата, додека не биде вработен барем еден член од нивното семејството и додека нема строг надзор на оствареното родителско право и обезбеден покрив над главата, овој феномен ќе го има и понатаму како резултат на детска сиромаштија.

– И она што е најважно, Градот Скопје да обезбеди буџет за оваа стратегија и овие акциски планови, а ако не го стори тоа, тоа оди на нивна совест, додаде претседателот на „Меѓаши“.

Тој ја повика и донаторската задница, вклучително сите амбасади, да не решаваат само политички прашања во државата, туку да се фокусираат и на децата и тие да бидат активни чинители во промената и да подржуваат активности кои директно ја инспирира, како што рече, детската млада душа да биде креатор на промените.

Координаторката на Едукативно забавниот дневен центар за децата на улица, Здружението за правата на децата и член на работната група, Ирена Велкоска, рече дека Акцискиот план за децата на улица за 2023 година е определено да постои заради самите деца на улица на кои треба целосно и неодложно да им се помогне.

– Како една многу важна стратешка цел е зајакнување на социо-екномскиот статус на семејствата, односно домаќинствата со децата и тоа преку спроведување на анализа на ефектите и ревидирање на програмите од локалната самоуправа, за вклучување на членовите од семејствата, како и следење на обуки за квалификација, доквалификација преку Агенцијата за вработување, заради полесно вклучување на пазарот на трудот, рече Велковска.

Трите дефинирани области и приоритети на стратегијата – недискриминацијата, здружувањето на децата и нивното учество во процесот на одлучување и безбедноста – беа презентирани од неколку ученици од средните училишта, кои биле дел од проектот.

Јана Николовска од СУГС „Орце Николов“ истакна дека училиштето има најголемо влијание во развојот на младите и тоа треба да претставува една безбедна средина за нив.

– Познавам многу ученици коишто стануваат наутро и не сакаат да одат во училиште, не поради тоа што не сакаат да го слушаат професорот којшто предава, туку поради тоа што се плашат дека повторно ќе бидат понижувани и отфрлени поради некоја лична карактеристика, без разлика дали е тоа од страна на професор или од страна на другите ученици, што е уште познато како малтретирање. Иако долго време живееме во мултикултурно општество, се уште постојат многу предрасуди и стереотипи од страна на младите поради различни карактеристики, рече Николовска.

Таа апелираше да се посвети повеќе внимание на оваа стратегија за решавање на проблемот со дискриминацијата за да им се помогне на младите да го доживуваат секој ден како благослов, а не како предизвик, како и да не живеат во страв.

За втората област – здружувањето на децата, говореше Димитар Георгиев од СУГС „Георги Димитров“, кој истана дека тоа што е главен приоритет на една земја е да им овозможи на своите граѓани да просперираат внатре во својата матична држава, оценувајќи дека програмите за деца и млади не се промовираат доволно.

Според Георгиев, програмите за младите, освен што се промовираат по медиумите, треба да бидат промовирани и во училиштата, за да можат учениците да бидат поинформирани за нив.

– Дополнително би сакал да потенцирам дека младите денес чувствуваат дека немаат места каде можат да се здружуваат. Затоа ние од „Меѓаши“ во стратегијата промовираме Град Скопје да направи посебни младински центри за здружување на младите, истакна тој.

Леона Змајсек од СУГС „Орце Николов“ рече дека 15 проценти од анкетираните деца не сакаат да одговорат на прашањето дали некогаш пријавиле насилство.

– Тоа е доволно голем доказ за менталната рана којашто ја остава стравот од насилство и недостигот на безбедноста на децата. Таа рана може многу лесно да прерасне во лузна низ нивниот личен развој, којашто ќе ги следи низ целиот живот, подвлече таа.

Змајсек додаде дека таа безбедност е многу тесно поврзана со приоритетните области на стратегијата, како што е дискриминацијата, затоа што, како што нагласи, таму каде што има дискриминација најчесто се јавува насилството како оружје против дискриминацијата и како резултат на револтот на младите.

Посебна област како приоритет е делот за децата на улица, за којшто Клементина Добревска, психолог и советувач на „АлоБушавко“ телефонот за деца и млади, раскажа куса приказна од животот на едно дете коешто било злоупотребувано за просење од страна на својот чичко и како тоа влијаело на неговиот личен и училишен живот.