
Во просториите на Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје вчера беше промовирана сликовницата „Моето Скопје“, наменета за ученици со попреченост. Автори на изданието се Емилија Георгиева, Бранкица Дуковски и Наташа Петровиќ.
Сликовницата е создадена со цел на децата преку кратки и едноставни приказни, фотографии и боенки да им ги доближи најпознатите знаменитости на главниот град. Во неа се претставени дел од најзначајните културно-историски објекти во Скопје, меѓу кои Тврдината Кале, Камениот мост, Сули ан и други препознатливи локации, обработени на пристапен и интересен начин за најмладите читатели.
Изданието е подготвено на македонски и албански јазик, со што се овозможува поголема достапност и инклузивност за учениците. Покрај едукативната содржина, сликовницата содржи и боенки кои ја поттикнуваат креативноста и активното учество на децата во процесот на учење.
Авторите истакнаа дека целта на проектот е преку инклузивен пристап учениците да се запознаат со Скопје, неговата историја и културно наследство, но и да се развива љубовта кон читањето, учењето и творештвото уште од најрана возраст.
„Моето Скопје“ е замислена како едукативна и креативна алатка која на пристапен начин ќе им помогне на децата подобро да го запознаат градот во кој живеат и неговите најзначајни културни и историски знаменитости.
Проектот е реализиран со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам.