Промоција на „Совршен допир“ од Ана Антовска

Романот „Совршен допир“ на Ана Антовска во издание на издавачката куќа „Сакам Книги“ беше промовиран во петокот (24 јуни) во книжарницата Сакам Книги во трговскиот центар Лептокарија во Скопје.

Првенчето на Антовска, која по професија е магистриран клинички нутриционист во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, е модерна романса со голема доза на мистерија за една долго чувана семејна трагедија, но истовремено и вешто вајана книжевна скулптура од сензуални емоции која пука по краевите од набојот на силна привлечност и електрицитет помеѓу главните ликови, кои Антовска прекрасно ги има оживеано на хартија, вели главниот уредник Ивана Спасев.

На настанот присуствуваа голем број љубители на пишаниот збор, меѓу кои и пријатели и соработници на Антовска, на кои таа им пишуваше посвети и одржа емотивен говор. Модератор на настанот беше Ели Танасковска, а музички гости беа In The Mood.

Книгата може да се купи во трите книжарници на Сакам Книги, како и на нивниот сајт www.sakamknigi.mk, a наскоро ќе биде достапна за продажба и низ цела Македонија.