Промоција на новото гледалиште: Македонската опера и балет со гала-концерт

Македонската опера и балет денеска и утре со почеток во 20 часот организира Гранд гала-концерт со кој ќе го промовира новото гледалиште и фоајето.

МОБ за свеченото отворање најави ексклузивна програма на концертот, под мото „Чувството во живо…во ново руво“. Ќе бидат изведени од класични дела до музика од познати филмови. На сцената ќе има голем број исполнители: оперски и балетски солисти, хорот, оркестарот, балетскиот ансамбл и детскиот хор „Фалсето“ при МОБ.

Диригент е Иван Еминовиќ, режисер Трајко Јордановски, сценограф Зоран Тошевски, костимограф Марија Пупучевска, кореограф Саша Евтимова, репетитор Лора Тарчуговска.

– Салонот на МОБ е реновиран по 33 години од отворањето на сцената на МОБ во 1983 година. Новото гледалиште во МОБ има намален број  седишта за покомотно следење на настаните, и пред секое седиште ќе има лед екрани на кои ќе може да се следи титлот од претставите, а ќе имаат и други наменски функции, информираше Македонската опера и балет.