
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски сподели дека присуствувал и се обратил на настан за промоција на македонското вино во Париз, Франција.
„Ми претставуваше чест вчера во Париз да присуствувам и да се обратам на настан посветен на промоцијата на македонското вино, како дел од активностите за промоција на домашните производи, унапредување на економската дипломатија и зголемување на извозните можности на државата“, истакна Муцунски.
Во присуство на министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, македонскиот амбасадор во Франција, Игор Николов, градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков и претставници на домашните винарии, Муцунски посочи дека се обратил пред претставници од културниот и јавниот живот, политиката и локалната винска индустрија.
„Македонското вино, како еден од нашите најпрепознатливи извозни производи, претставува силен промотор на државата и важен сегмент на економската соработка. Остануваме посветени на континуирана поддршка на домашните производители и нивната уште поуспешна меѓународна афирмација“, порача министерот.