Издавачката куќа „Паблишер“ најавува промоција на книгата „Чекор по жица“ од поетесата Вања Изова Велева, која ќе се одржи во понеделник, на 2 април, во Салон 19, 19, со почеток во 19:19 часот.
Промоцијата е конципирана како поетски перформанс, спој од музика, уметнички слики и поезија. Промотори на книгата ќе бидат Виолета Танчева-Златева и Мишел Павловски.
Збогатена со сликите на современите ликовни уметници Митко Тошев и Љупка Галазка-Василев, оваа книга е и редок обид да се претстави една иста мисла преку две лица на уметноста, поезијата и сликарството.
„Чекор по жица“ е деветта стихозбирка на современата македонска поетеса Вања Изова Велева, која со секоја нова книга нè потсетува на подзаборавените вистини, на изгубената човечност, на нашата отуѓеност и немањето време за другиот. Кај неа не нè освојуваат само необичните наслови, неочекуваните пресврти и поетски слики. Кај неа плени самиот јазик, кој без излишни метафори искрено зборува за болките што сите нè морат, за радостите што сите ги посакуваме, а сè почесто ни бегаат…, се вели во соопштението на издавачката куќа „Паблишер“.