Промоција на „Јазикот е чудна ѕверка“ на Костова во „Буква“

Со разговор меѓу авторката и Дарин Ангеловски, ќе се промовита книгата „Јазикот е чудна ѕверка“ на Марина Костова.

Промоцијата е закажана за 20 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје.

-Кога ги ставив сите зборови на куп, сфатив дека мојата љубов кон пишувањето и кон зборот е она што ги поврзува овие различни текстови: прозни цртички, сеќавања, есеи, рецензии, интервјуа, теоретски размислувања, афоризми, поезија. Меракот за текст е она што ги спојува различните делови во збирката - вели Костова.

„Јазикот е чудна ѕверка“  е хибридна збирка со куси лични истории, рецензии и есеи, во издание на „Или-Или“. Конципирана е како флуиден текст кој, иако преоѓа од еден во друг жанр, за заеднички именител го има пишувањето како алатка за уживање во зборот односно јазикот. Личните истории имаат формат на куса проза во која се провлекува носталгично доживување на урбан живот во Скопје во распон од речиси 50 години. Рецензиите за филм анализираат домашни и странски дела во распон од 20 години, но исто како и рецензиите за медиуми и есеите, во суштина го истражуваат духот на совремието, општествените промени и нивното промислување.

Дизајнот на корицата е на германскиот уметник Ангел Паневски, а поговорот е на Милчо Манчевски.

Марина Костова е наградувана новинарка и филмска критичарка. Таа е заменичка-главен уредник и членка на основачкиот состав на дигиталната редакција „Сакам да кажам“.