Прoменливото време влијае и врз граѓаните - вжештена линијата „Ало докторе“

Ред сонце, ред дожд е времето оваа недела, а таквите промени лошо влијаат врз здравјето на граѓаните, особено на хронично болните, кај кои се потребни почести интервенции. Токму затоа линијата „Ало докторе“ е вжештена деновиве, а помош бараат и здравите лица, објави Канал 5 телевизија.

„Се јавуваат и здрави луѓе, што не бараат наша интервенција. Обично се работи за пад на концентрација, зголемена нервоза, тоа е вообичаено кај метеопатите што се јавуваат во овој период од годината. За разлика од нив, хроничните болни се јавуваат почесто и кај нив имаме повеќе интервенции. Претежно се јавуваат пациенти со покачен крвен притисок каде што во 90 посто од случаите завршуваме со совет преку телефон“, вели д-р Љубе Пајковски за Канал 5.

Доктор Пајковски апелира да не се злоупотребува линијата на брза помош. Граѓаните да ѕвонат на 194 само доколку навистина им е неопходна медицинска интервенција. Но, и да се почитуваат сите дадени упатства и совети за да се спречат несаканите последици.

„Физичката активност кај здравите луѓе и прошетките да бидат поинтензивни за да може полесно да се поднесат температурните разлики. Кај хроничните болни, оние што најмногу бараат наши интервенции, да се зема навреме препишаната терапија и, нормално, ако имаат каков било проблем да се јават во нашата служба, вели д-р Љубе Пајковски, Брза Помош.

Од наредната недела метеоролозите најавуваат и драстична промена, заладување и врнежи од снег.