Промени во раководството на Македонски Телеком

Жарко Луковски, Извршниот член на Одборот на директори во функција на Главен оперативен директор на Македонски Телеком ќе ја продолжи својата кариера надвор од компанијата поради завршување на неговиот менаџерски договор на 30 јуни 2017 година.

Луковски беше на највисоки раководни позиции во компанијата од 2006 година. Во 2010 година назначен е за Главен извршен директор на Т-Mobile Македонија, а во 2015 за Главен оперативен директор на Македонски Телеком.

Под негово раководство беа реализирани проекти кои целосно ја сменија телекомуникациската индустрија во Македонија, особено во областа на развојот на мобилната технологија, како што е воведувањето на 3G и 4G мрежата за прв пат на пазарот. Работеше на развој на ИКТ бизнисот како што е проектот „паметен град“ и се залагаше за иновативни решенија како што е мобилното плаќање и воведуваше иновации во начинот на работа на компанијата.

Одигра важна улога во спојувањето на Македонски Телеком и Т-Mobile Македонија, со што директно допринесе компанијата да ја задржи лидерската позиција на пазарот. Одборот на директори на Македонски Телеком го назначи Назим Буши досегашниот Заменик Претседател на Одборот на директори на Македонски Телеком да ја извршува функцијата на Извршен член на Одборот на директори во функција на Главен оперативен директор на Македонски Телеком за период до три месеци, почнувајќи од 1 јули 2017 година.