Промена на сопственото име - на овој чекор годишно во Македонија се одлучуваат неколку стотици граѓани

Секој македонски државјанин кој не си е задоволен со своето име или презиме и сака да го промени во друго, тој може да го стори тоа едноставно, со поднесување неколку документи и трошок не повисок од околу 300 денари за потребните барања, заедно со административните такси.

Оваа цена е за оние кои поднесуваат барања кои се во редовна постапка. За оние кои тоа го сакаат по брза постапка или институциите на системот им го наложуваат тоа, цената не е драстично поголема.

Законот за промена на лично име, меѓу другото, дозволува промена на сопственото име дури и безброј пати, се додека избраното име некого не го повредува.

На овој чекор годишно во Македонија се одлучуваат неколку стотици сограѓани.

Право на промена на лично име имаат сите постари од 15 години кои се способни за расудување, не се осудувани и против нив не се води кривична постапка.

Барањето се поднесува во матичните служби на Министерството за внатрешни работи, а потребна документација е лична карта, уверение од управа за приходи дека нема даночни долгови, извод од матична книга на родени, државјанство и уверение дека нема истрага против него.

- Најчесто презимиња менуваат жените кои се разведуваат, но има случаи и поради промена на верата, националноста или за да се вклопи во околината. Исто така, на децата им ги сменуваат имињата поради утврдување или оспорување на мајчинство или татковство, како и по посвојување на деца, но во овие случаи можна е само промена на презимето, велат официјални извори.

Невообичаени и егзотични имиња бараат некои уметници, но тоа главно се стандардни имиња.