Промена на над 250 закони и 20 милиони евра за дигитализација на институциите во 2022 година

Со Буџетот за 2022 година предвидени се 20 милиони евра за дигитализација. Софтвер и хардвер во сите институции треба да биде набавен во првите месеци од годината, а до средината на следната година треба да се донесат сите закони, кои се мапирани за усогласување на законодавството во областа на дигитализацијата, со цел таа да стапи на 1 јули 2022 година.

За ова информираше на денешниот брифинг со новинари вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски.

До денеска, како што информираа на брифингот, доставени се 129 закони од вкупно мапирани 221 закон од областа на дигитализацијата, како механизам за борба против корупцијата.

– Првите шест закони, од Министерството за внатрешни работи, а кои можеби се клучни затоа што таму се законите и за лична карта и за различни податоци, живеалишта, се во собраниска процедураи и се на собраниска седница на 9 декември. Уште 129 закони, Владата веќе ги разгледа на претпоследната седница и тие се изготвени и на тоа се надополнуваат законите во делот на правосудството. Со тоа, ќе имаме над 250 закони, а со законите кои ќе стапат во сила на 1 јули 2022 година, правниот дел од дигитализацијата веќе ќе биде заокружен, информираше на брифингот вицепремиерот за борба против корупција Љупчо Николовски.

Со цел екипирање и дигитализација на Јавното обвинителство и истражните центри, на брифингот беше, посочено дек буџетот за 2022 година е зголемен за 20 проценти, што ќе овозможи зголемување на платите за 15 проценти, како и нови 71 вработување и 17 унапредувања.

Новиот план за борба против корупцијата за 2022 година, како што беше најавено се заснова на четири столба – дигитализација, правосудство, професионализација на институциите и превентивните мерки.

Во делот на дигитализацијата, целта е до 1 јули 2022 година по примерот на Естонија да имаме дигитализирани институции и нивно целосно функционирање преку интероперабилноста, како и вклучување на нови 11 инспекторати во алатката Е-инспектор.

Планот, во делот на правосудството се предвидува носење на Законот за потекло на имот и во 2022 година да бидат поставени и целосно екипирани истражните центри при ЈО.

Во делот на професионализација на институциите, планот предвидува да се донесе регистар на цени при спроведување на јавните набавки, врз основа на 11 модули за спецификација при јавните набавки на институциите изработени задно со стопанските комири, а кои треба да бидат финиширани до крајот на овој месец, потоа поставување на „лични камери“ на претставниците на полицијата и царината, како и спроведување на проект „мистериозен купувач“ за оценка на процесот на давање на услуги во јавните институции.

Во регистарот на вистински сопственици досега се декларирале 80 илјади компании, а за една недела се очекува и да се врати нацрт-текстот за Законот за потекло на имот и да се отвори широка дебата, беше информирано на денешниот брифинг.

Во однос на реализацијата на мерките од Планот за борба против корупција, на брифингот, исто така, беше посочено дека се усвоени законите за јавни претпријатија и за установи со кои се намалува бројот на членови во управните и надзорни одбори на централно и на локално ниво, како и дека е во постпка изменувањето на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси со што ќе се надминат детектираните слабости, како и изменување на прописите од областа на администрацијата и вработените во јавниот сектор, со цел професионализација и департизација, функционирањето на алатката е-инспектор и електронскиот систем за пријава и поплаки поврзани со услугите во јавната администрација, како и донесената Стратегија и акциски палн за јакнење на водењето финансиски истраги 2021-23 година.