Промена на изборниот модел во една изборна единица со или без консензус

Премиерот Зоран Заев опстојува на идејата за промена на изборниот модел од постојните шест во една изборна единица, што беше и едно од изборните  ветувањаа на СДСМ. Иницијативата за промена на изборниот модел, која тој ја поддржа, а која деновиве ја туркаат 15 пратеници од помалите парламентарни партии, на шест месеци од предвремените парламентарни избори закажани за 12 април, сепак нема поддршка од партнерот во владината коалиција ДУИ, ниту од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Премиерот Заев вчера изрази надеж дека ќе биде постигнат консензус за промена на Изборниот модел со една изборна единица, повторувајќи дека со тоа губат големите партии, ќе загуби и СДСМ, но ќе се отстрани можноста за какво било авторитарно однесување во иднина. Одговарајќи на новинарско прашање по промоцијата на „Граматиката на современиот ромски јазик“, тој нагласи дека е добро во државата вакви важни прашања, како промена на Изборен модел, да се носат со консензус.

-Ние, пак, не можеме поинаку, ние им ветивме на граѓаните уште во кампањата во 2016 година дека сме за една изборна единица. Тоа е дел од нашата изборна програма, а и ние веруваме во тоа, рече Заев додавајќи дека тоа освен што ќе биде придобивка за помалите партии, ќе биде придобивка и за сите граѓани.

-Ако дојде до гласање во Парламентот јас се надевам, дека тоа ќе биде консензуално, но ако не е консензуално на кој било друг начин социјалдеморкатите ќе гласаат за оваа измена. ДИК е подготвена, институциите се подготвени, постапката е едноставна, рече Заев.

Тој нагласи оти смета дека постои поддршка за овие измени. – Мислам дека имам поддршка, јас не сум иницијатор вака кога кажувам. Најголемата политичка партија од помалубројните етнички заедници е ДУИ, мислам дека има вкупно 23 Албанци во Парламентот, а ДУИ има 10 пратеници, каде се другите помалубројни заедници. Дали се согласуваат ќе видиме на гласањето, да направиме чекор, а ако не успееме, што се надевам дека нема да се случи, ќе се направи притисок за тоа за следните избори, рече Заев, кој верува и дека овие измени ќе ги привлече оние граѓаните, кои не се заинтересирани за избори да го тестираат новиот изборен модел.

Пратеникот Артан Груби од ДУИ, пак, претходно неделава изјави дека политичките партии усогласиле измени на Изборниот законик, во кои не се предвидува промена на изборниот модел. Тој тркалезната маса што се одржа во вторникот во Собранието на иницијатива на 15 пратеници од помалите парламентарни партии ја оцени како неформална средба на ентузијасти, и подвлече дека е апсурдно да се дискутира за промена на изборен модел на пет месеци пред предвремени избори.

-Ние остануваме на формалниот состав кој што дискутира промени на изборниот законик и тоа е во рамките на Министерството за правда. Неделава имавме сите средба, и политички партии, невладините организации и меѓународни организации и веќе сме усогласиле текст на предлог-закон кој што во себе ги инкорпорирта сите препораки на ОБСЕ/ОДИХР од последните три изборни циклуси претседателски, локални избори и референдум и во тој предлог не се дискутира околу изборен модел, изјави  Груби.

Коментирајќи ја вчерашната изјава на премиерот Заев дека СДСМ не се откажуваат од идејата за нов изборен модел, па дури и за претстојните предвремени избори и оти би ја поддржале евентуалната иницијатива за тоа и без консензус, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев, оцени дека дури и да се донесе измена, би било неодговорно таа да се имплементира на претстојните предвремени избори. Не ја затвараат вратата за промена на изборниот модел, но, рече, остануваат на ставот за 120 изборни единици, и оти кој модел и да се договори што ќе биде применлив после изборите на 12 април „треба да биде апсолутно и никако на друг начин освен со консензус на големите партии“.

-Нашиот предлог е мнозински модел со 120 изборни единици и секако дури и сега да се донесе имплементација после изборите на 12 април, бидејќи е многу неодговорно да се влезе во измена на изборниот модел на неколку месеци пред избори. Тоа ќе отвори проблеми како во самата постапка за спроведување на изборите така за политичките партии или за граѓаните во однос на запознавањето со истиот како тој ќе функционира и сите останати работи кои што доаѓаат со промена на изборниот модел. Значи не ја затвораме вратата за промена на изборниот модел, нашиот предлог е тој кој што го кажав, мнозински со 120 изборни единици, бидејќи на тој начин ќе се покаже најголема транспарентност, најголема отвореност, ќе им се даде на граѓаните едноставно буквално за личноста да гласаат, меѓутоа ќе можат на најдобар начин да дадат отчетност од пратениците на тој начин.

Петнаесет пратеници кои доаѓаат од помалите партии како и независни пратенции кои застанаа зад иницијативата за промена на изборниот модел со една изборна единица наместо сегашните шест, најавија дека во најскоро време ќе поднесат закон за измени на Изборното законодавство во кој ќе се имплементира нивното барање. Од Иницијативата предлагаат и отворени листи што би се вовеле од следните локални избори, како и еднаква родова застапеност, односно по 50 проценти мажи и жени.

За промена на Изборниот законик  потребно е апсолутно мнозинство од 61 пратеник и „Бадентерово мнозинство“, односно мнозинство од припадниците на заедниците.