Пролетно уживање во парк Сарај

Расцутени дрвја, зеленило, звук на течение на река и речиси монументален остаток од некогаш најубавиот базен во Македонија.

Паркот Сарај можеби и не е толку комерцијален како Градскиот Парк, но во последните неколку години скопјани повторно се враќаат во некогаш омиленото место за релаксација и рекреација. 

До пред само неколку години паркот беше запуштен, но сега е очигледен трудот истиот да се одржува и да се претвори во пријатно место за слободните моменти. 

Дрвјата се расцутени, тревата е зелена, а голем број граѓани доаѓаат тука за да уживаат во денот, па дури и на мали семејни излети. Каде и да одите, ќе ве следи звукот на реките Вардар и Треска, бидејќи тука во близина се наоѓа нивната точка на спојување, па поради тоа тој дел од кејот меѓу граѓаните е познат и како „састав“.

Во близина на СРЦ Сарај се наоѓа и сега монументалниот базен Сарај, кој некогаш важел можеби за најубавиот во целата држава. Денеска е напуштен, но неговата грандиозност останува да сведочи за минатите времиња, но и да носи надеж дека овој парк повторно ќе го врати стариот сјај.