
Општина Карпош започна пролетна акција во која ќе ги заменува старите, оштетени и дотраени урбани елементи, онаму каде што е потребно.
На плоштадот „ПБК“ во населбата Козле, (спроти студентскиот дом “Гоце Делчев), од Општина Карпош посочија дека екипите ги замениле сите оштетени седишта за лулашки и клацкалки, го прицврстиле долниот дел од двете лизгалки и ја бојадисале металната конструкција на игралиштето (лизгалки, клацкалки, тобоган).
„Пред новоизградениот базен во населбата Карпош 4, веднаш до салата Наум Наумовски –Борче (Партизан), беше заменет предниот дел од оградата, заедно со влезната порта, со посоодветна ограда и порта, додека на две клупи, во предниот дел од Т.Ц „Лептокарија“, насочен кон булевар „Партизански одреди“, беа земенети дрвените оштетени кадрони со нови дванаесет парчиња на број“, истакнаа од Општина Карпош.
Од таму исто така посочија дека Општината во континуитет вложувала во одржување и модернизација на постојните детски игралишта, кои се над 50 на нејзината територија, што ја прави општина со најголем број на ваков вид на урбани игралишта во Скопје.
„Како свртилишта за најмладите наши жители, кои заедно со своите родители рекреираат и другаруваат на овие детски игралишта, особено во пролетните и летни месеци, упатуваме особен апел до сите граѓани, заеднички да се грижиме и да ги одржуваме во функционална состојба детските (урбани) игралишта и соодветната урбана опрема , бидејќи станува збор за места за релаксација на сите генерации карпошани, од најмлади до највозрасни“, порачаа од Општина Карпош.