Произведувам се сам за да се прехранам, продавам на импровизирана тезга – полицијата ме брка како да сум криминалец, а другите се ценкаат со мене

Дедо Иљо има скоро 80 години. За себе вели дека е вреден и додека го држат нозете никогаш нема да се откаже од работа. Иако, како што вели денеска не може да работи, како што работел порано, но сепак никогаш не е гладен.

Неговата приказна е сурова, како на поголемиот дел од старите луѓе во денешницата во Македонија. Едниот син му починал во сообраќајка пред дваесет години, ќерката му е омажена во Србија, а другиот син се преселил со семејството во Австрија. Доаѓаат во Македонија, еднаш до двата пати годишно.

Дедо Иљо целиот свој живот бил земјоделец. Живее на периферија од Скопје, во едно мало куќиче, заедно со негобата сопруга, баба Нада, која е десет години помлада од него.

-Иако годините си го прават своето, јас и денеска работам. Цел ден сум надвор. Произведувам за себе, а она што ќе ми е вишок го продавам. Така се прехрануваме. Тоа ми е маката. На постојката каде што стои автобусот, излегувам секој ден. Имам подвижна тезга, каде што изложувам она што го продавам. Зависи од сезоната. Од овошје, зеленчук, јајца... Се што имам. На овој свет постојат толку многу криминалци, полицијата мене ме брка. Мене, оној кој се бори за корка леб. Оној кој нема ништо. Оној кој има само уште неколку дена од својот живот. Тие ме бркаат, јас пак доаѓам. И така во круг.

Се чудам да ви кажам. Ме гледаат луѓето од улица, гледаат дека се тоа што продавам е домашно, оганско и чисто, а цената далеку поевтина од онаа на пазарите и маркетите.

Вчера пред мене застана еден огромен џип. Од него се симна госпоѓа. Се ме изнапраша, какви се јајцата, што се... Се гледаше дека жената е богата. “Ќе ги земам сите јајца, ако ми ја намалиш цената”... Јас едно јајце го продавам 5 денари... Не сфатив... Бара помалку од тие пари? А во ќесата имав 30 јајца. Значи по моја математика 30 јајца по 5 денари се 150 денари. Пари кои и беа многу на оваа госпоѓа. Само ја погледнав, каков и е изразот на лицето. Без трошка грижа на совест. Ако и реков. Земи ги. И ги спакував сите 30 и ми тутна 100 денари... Тие 50 денари беа проблем. Ако, мене не ми се, си мислам, можам јас и без нив, не знам за неа...

Ова е само еден пример. Со ваква ситуација се соочувам секој ден...

Зошто не го цениме трудот? Зошто не ги цениме луѓето?