Проф.Трајковски: Во следните денови максимум по околу 2.500 новозаразени дневно

Професорот Дејан Трајковски со оптимистични прогнози во својата најнова ковид-анализа. Вели дека дневните броеви во просек повеќе не растат, односно моментално се наоѓаме на самиот врв.

-Дури ни намалениот број на тестирања за Водици не може многу да ја наруши оваа проценка. Значи, не само што нема да видиме 4.000, туку нема да видиме ни 3.000 случаи дневно, туку евентуално максимално околу 2.500 и тоа само во наредните неколку дена, ако воопшто видиме. Едноставно, премалиот број на тестирања не дозволи повисоки дневни броеви, анализира професорот. 

-Сé на сé, со стапка на хоспитализираност од само 2,7% и стапка на леталитет од само 0,96% во изминатите 7 дена (обете стапки се за речиси 4 пати помали од досегашните просеци), ниту ќе видиме претрупување на болниците, ниту многу поголеми дневни броеви на починати од сегашниве (24-те починати од завчера се практично максимумот, но можно е да видиме до 30), вели Трајковски кој потенцира дека, единствено не знаеме какви ќе бидат пост-ковид компликациите од Омикрон сојот.