Профитабилен бизнис: Со издавање стан на ден, за една недела се вади цела месечна кирија

Издавање стан на еден или неколку денови е нов тренд на пазарот за рентање недвижнини. Агентите за недвижнини велат дека во внатрешноста на државата ова се прави повеќе години, додека во Скопје е поизразено во последно време.

Со еднодневната кирија која достигнува до 35 евра, станодавците за една недела ја вадат месечната рента, но како што информираат упатените, ризикуваат кога ќе си замине кираџијата, зад себе да остави руиниран стан.

Во метрополите во регионот ова е многу раширена појава, особено во Белград, а според некои информации, кај нас има лица кои поседуваат повеќе станови и со нив развиваат цел бизнис, издавајќи ги за едно или повеќе ноќевања.

Во агенциите за недвижности велат дека ретко имаат клиенти кои издаваат станови на ден.

Најчесто за вакво изнајмување освен странците кои не сакаат да одат во хотел, заинтересирани се и нашите иселеници во странство. 

- Изнајмување стан за еден или повеќе денови, или пак месец најчесто имаме за време на летните одмори и за божиќните празници кога нашите вработени во странство си доаѓаат дома. Дневните кирии се движат од 25 до 35 евра, а ако се изнајми станот на еден месец, тогаш цената е 350 до 450 евра, плус режиските трошоци. Обично за вакво изнајмување се бара стан со една спална - информираат од агенција за недвижности.

Во државата, особено во Скопје, последниве години понудата на станови за издавање е многу поголема од побарувачката, па веројатно тоа е една од причините што сопствениците под ризик да им се уништи станот се решаваат да го издадат на ден или месец, наместо со договори на повеќе години.

Во Скопје има дваесетина хостели во кои ноќевањето чини меѓу 10 и 15 евра, па не е јасно зошто некој би сакал да преспие една ноќ во стан и за тоа да плати двојно повеќе, од 25 до 35 евра.