Професорката Алексиќ со суштински став: Вистински испит на зрелоста се државните и интерни матури без препишување!

Татјана Алексиќ, професорката по македонски јазик и литература во скопската гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“, преку објава на својот блог, објави став за воспитно-образовниот систем, токму во пресрет на матурските полагања. 

Како и секогаш елоквентна и со суштински пораки до младите, родителите и воопшто општеството во однос на новите генерации кои излегуваат од школските клупи. 

- Секој крај на учебна година е нов почеток. Почеток на нови преиспитувања, до кај сме и што понатака. Имам чувство дека постојано ги повторуваме грешките од минатото, со со долгорочни последици врз воспитно-образовниот систем. Одамна го поминавме средното насочено образование, кое откако го укинаа другите екс југословенски републики, ние го воведовме, без да извлечеме поука од туѓите неуспешни образовни практики. Постојано некои нови понуди за реформи, често изнудувани, набрзина и површно вклопени во образовниот систем. Наликува на популистички методи, а' ла американски крофни, пржени во исто масло, за колективна ,,фастфуд" заситеност. Ние сме во хронично несоодветни реформи на образованието со последици. Затоа паѓаме на тестови. Вирусот на незнаење се шири побргу од сите можни вируси, пишува таа. 

- Изнудено и задолжително средно образование; факултети колку и студенти, за секого по еден; гимназиски паралелки наместо стручно образование, оти сите треба да се менаџери, магистри и доктори. Занаетчии не ни требаат, во ЕУ само со титули се влегува. А мануелците се секаде подобро платени отколку во Македонија, која е занаетчиска, еснафска земја по традиција! Тоа се оние луѓе со вешти раце и креативен ум, македонските еснафи, занаетчии и работници. Оние кои што некогаш први заминувале на печалба во туѓина, истата јабана каде сега заминуваат дипломци и интелектуалци. Туку да не се враќам во историјата која заличува на алманах, секоја година нова се печати, анализира во својата објава. 

- Еве, паметење од поблиското минато, чисто за проверка дали имаме колективна меморија на риба во аквариум, која заборава сѐ после првиот круг. Екстерното почна како пилот проект, па атериравме со трескање од земја и долгорочна колатерала. За Кембриџ не можам да коментирам, не ми поминал низ раце, но ми поминале низ раце (не)писмени текстови и можам да констатирам дека сѐ уште имаме ученици кои се запишуваат во гимназија со одличен успех и функционална неписменост, исто како што се запишуваат студенти со висок просек, кој паѓа ниско при првиот устен испит. Проектот ,,Компјутер за секое дете" испадна визионерски, иако тогаш ни на крај на умот не ни беше дека 2020- та образованието ќе се сведе на задолжителна он-лајн настава. За жал, компјутерите траеја колку и обуките за нив, визуелно ги снема пред виртуелно да се искористат. Но ете, уште се користат бесплатните учебници коишто се обновуваат, и благодарни сме за тоа. Учебниците се од различни автори, нека има шаренило, секоја гимназија со различен избор на учебници и автори, та нели сме демократија. Иронија е што, колку побогат избор и можности, толку посиромашно знаење и вештини. А замислете, во времето на едноумието, во оној ,,никаквец од социјализам", ние едноумните, со генерации и генерации учевме од едни исти учебници, во сите можни училишта. Сѐ уште ги користам примерите од литература напишани од Ѓ.Старделов, Г Тодоровски, С Мицковиќ, Н.Исакова и Стефка Прокопиева. Незамисливо, ама не фаќавме врски за оценки, еден ум - што попрво да фатиш со еден ум (нели едноумие). Немаше потреба, релаксирано се запишувавме таму каде што сакаме. Немаше ,,популарни" факултети, кој за што си учел - тоа ќе си биде. Одличните беа ослободени од матурскиот испит. Првенците на генерации добиваа југословенски стипендии и стануваа докажано успешни насекаде низ светот. Сепак, се броеја на прсти, пишува професорката. 

- Не се форсираше квантитет туку квалитет и талент, кои се реткост. Индексите вредеа колку и југословенските пасоши насекаде низ светот, шестката значеше знаење! Добро, за разлика од пасошите, индексите не се крадеа ниту продаваа, ама пари вредеа. Вредеа и дипломите, имаа употребна вредност. Оние кои што не сакаа титули и беа без амбиции за студии, си работеа по завршеното средно, стануваа успешни професионалци и ништо не им фалеше низ животот. Напротив, повеќето од нив материјално станаа побогати од своите факултетски потковани соученици. Но и тоа е историја, да не ја чепкам, може некој од прва да ме демантира со својата историја. Во мода е дека секој има право на своја историја. Ова што го пишувам е право на моја историја. Сега секој си има своја историја, секој со својата учителка. Имаме право само на сегашност, сѐ додека и таа не стане историја. Во оваа сегашност малку е обратно од минатото, сега имаме доктори на наука без работа, или поставени на несоодветно место да работат и да заработуваат колку некогаш фабричкиот работник во ,,Газела" или ,,Црвена sвезда". Нешто одамна се раштима во образовниот систем, можеби поради немање слух, погрешен такт, фаќање во коло со туѓи ора... А некогаш, бевме ороводци во образованието и знаењето.

Не беше ни толку страшно што учевме колку литри млеко даваат швајцарските крави, што знаевме напамет таблица множење и логаритми, па така се вежба меморија. Сега еден телефонски број не знаеме напамет, а ракописот исчезнува како загрозен вид од унифицирани тастатури. Ама и тоа е историја, менлива како стрип јунаците од Микиев алманах или од цртаните филмови. Некогаш Том и Џери, па Калимеро, Пинк Пантер, Мечето Ушко, Балтазар, Нинџа Желки, Телетабиси... Сега гледаме цртани филмови во живо, со човечки ликови и имиња, да не можеш да забележиш дека во светот се анимира сериозно мајтапење. Живееме оксиморонски милениум на паметни будали. Гледаш, слушаш и не ти се верува дека не се цртани филмови туку политика и дека истата ја менува историјата. На толку многу научници и интелектуалци, на толку многу петки и десетки! Се надевам дека во некое догледно време, ние ,,зрелите" ќе го преполагаме матурскиот испит на зрелоста. Матурските прослави се во ек, нека ни се радуваат децата. Но вистинскиот испит на зрелоста се државните и интерни матури без препишување. Зрелоста е одговорност, одговорноста умее да почитува. Првин себеси, па останатите. Себепочитување е да не се шверцуваш со незнаењето и да не препишуваш, да не се залажуваш дека знаеш. За зрелите матуранти матурскиот испит е одговорност. Тие се подготвуваат сите 4 години во континуитет за да можат во текот на февруари, март, април и мај ретроградно да го повторат материјалот за матурските испити. Битни им се оценките од матурските испити за нивните понатамошни цели - запишување на саканите факултети. Нека им е со среќа! - заклучува професорката Алексиќ.