Проф. Трајковски: Нашето справување со епидемијата беше целосен неуспех

Професор Дејан Трајковски во најновата анализа оценува дека нашето справување со епидемијата беше целосен неуспех.

-Во светски рамки ковид-19 повеќе не е најсмртоносната заразна болест - туберкулозата се враќа на првото место. Во светот од туберкулоза годишно умираат во просек 1,4-1,5 милиони луѓе, односно околу 4.100 луѓе дневно (црвената линија на дијаграмот). Од друга страна, од ковид-19 деновиве во светот умираат просечно околу 1.500 луѓе, односно речиси 3 пати помалку. Ако туберкулозата во светот се наоѓа на 13-ото место како причина за смрт, ковид-19 не се наоѓа ни меѓу првите 20 на ранг листата, оценува тој. 

-Ковид-19 никогаш немал висока стапка на леталитет. Ако на почетокот оваа стапка изнесувала околу 3,5%, сега е 5 пати пониска и изнесува околу 0,7%. Опасноста доаѓаше од високата преносливост и високата инциденца, која дури и при мал леталитет доведе до преполнување на болниците и висок морталитет. Токму затоа здравствените власти не смееја да дозволат непречено ширење на заразата, со дозволување масовни собирања по кафеани среде епидемија. Кафеаните немаше да избегаат, ако со малку повеќе дисциплина го дочекавме доаѓањето на вакцините и потоа масовно се вакциниравме, како што направиле да речеме во Австралија. Таму го заштитиле населението со рестриктивни мерки кога било најпотребно, а вакциналниот имунитет ги штити од смртен исход дури и сега, кога веќе вакцините не можат да спречат заразување, анализира професорот. 

-Но, во земја каде што царува незнаењето и беззаконието, тоа би било малку претерано за очекување. Резултат е една од најголемите стапки на морталитет на планетата, мерен како преку официјалниот број на починати, така и преку одвишната смртност над очекуваната сезонска смртност. Може слободно да се каже дека нашето справување со епидемијата беше целосен неуспех, заклучува тој.