Проф. Даниловски: До крајот на февруари омикронот ќе спласне

Eпидемиологот проф.д-р Драган Даниловски вели дека и натаму е на своите ставови дека напролет короната ќе се сведе на „сезонски грип“.

Тој, во изјава за Нова Македонија, вели дека очекува до крајот на февруари да спласнат заразувањата со омикрон-сојот и да се оддржуваат на ендемично ниво.

-„На запад ништо ново!“ Јас уште одамна, поточно, на 31 август 2021 година, напишав дека „делта монструмот полека ќе се сведе на „скротен лав“- исто како што тоа се има случено со неговите сродници, четирите типови на корона вируси што предизвикуваат обична настинка.“ Се случи на крајот на ноември истата година да се појави омикрон. На 4 декември 2021 година за Нова ТВ имав изјавено: „Значи, јасно е дека со короната е завршено. Ќе се оствари она што јас одамна го изјавувам – дека напролет ќе се сведе на „сезонски грип“ – нешто со што се согласни и други епидемиолози во светот. Ова е нешто што треба да нѐ охрабри, да нѐ извади од чувството на безнадежност и песимизам.“ Останувам и понатаму на тие мои ставови, вели проф. Даниловски.

Омикрон, вели тој, пламна како шумски пожар, но како и секоја огнена стихија, почна да се задушува сам во себе! Сѐ повеќе му недостасува „кислород за горење“.

– Во Македонија врвот на бранот го достигнавме на 18 јануари – порано отколку што прогнозиравме (крајот на јануари). Оттогаш трендот на нови заразени е надолен. Грубо, колку што траеше растот, толку ќе трае и падот. До крајот на февруари, омикронот ќе спласне. И ќе се одржува на ендемично ниво, некое време, пролетта… За веќе понатаму да се сведе на спорадични (неповрзани меѓу себе, единечни, случаи). Понатаму, ќе го имаме меѓу нас, сосема исто како што го имаме сезонскиот грип, додава професорот.