Проектиран буџетот на Град Скопје за 2020 година: Најголем раст во комуналниот сектор

На денешната седница на Советот на Град Скопје ќе се разгледува Предлог – буџетот на Град Скопје за 2020 година.

Предлог – буџетот на Град Скопје за 2020 година е изработен согласно со законските одредби и Буџетскиот циркулар – Насоки за подготовка на буџетите на единиците на локалната самоуправа за 2020 година на Министерството за финансии.

Согласно со направените проценки и анализи, со Предлог-буџетот на Град Скопје за 2020 година се предлага износ од 7,3 милијарди денари вкупни приходи и други приливи. Во предлогот се планира и дел од вишокот на приходи остварен во минати години, во износ од  875.668.000 денари.

Споредено со 2019 година, предложениот буџет на Град Скопје за 2020 година, се зголемува за 12%.

Предлог – буџетот на Град Скопје за 2020 година е изготвен врз основа на начелата на економично и рационално трошење на буџетските средства, зголемување на фискалната одговорност, отчетност и транспарентност. Планирањето на средствата преку дефинираните програми придонесува за поголема транспарентност на планираните и извршените расходи, како и нивно рационално користење.

Најголемо зголемување на планираните средства во новиот Предлог-буџет на Град Скопје има во Секторот за комунални работи каде што средствата  за 2020 се зголемени за 72% во однос на 2019 година.