Проѕирен пешачки мост на местото на Панорамското тркало

Градежната компанија “Бетон” почна да ги поставува сајлите на висечкиот мост што ги поврзува двата брега на реката Вардар – пред катната гаража кај МЕПСО и пред Македонскиот народен театар. Овој мост требаше да биде пристапна патека до големото Панорамско тркало што требаше да се постави среде реката како дел од проектот “Скопје 2014”.

– Дефинитивно, нема да има Панорамско тркало и мостот нема да биде барокен. Постигнавме договор со “Бетон“ да го дозавршат мостот и веќе се влезени во градежни активности и очекувам до крајот на овој месец да започне поставувањето на сајлите на висечкиот мост. Ќе се тргнат постаментите за држачите за тркалото кои се среде реката, а со цел да може водата слободно да тече – изајви градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.

Со ваквиот концепт со “Бетон” кој предвидува доизградба наместо уривање, Шилегов вели дека Град Скопје заштедува 7 милиони евра само за мостот без Панорамското тркало. Направен е нов проект за мостот и во него се исфрлени барокните елементи и за да се гледа кон Камениот мост ќе се постави проѕирна ограда.

– Оградата би требало да биде проѕирна со цел да може да се има непречен поглед кон Камениот мост, кој е симбол на Скопје, а со цел да не го затвориме или угушиме мостот имајќи предвид дека има премногу мостови на тој потег – вели Шилегов.

Оваа инвестиција – мост со Панорамско тркало требаше да чини 18 милиони евра. Парите требаше да ги обезбеди Јавното сообраќајно претпријатие кое во 2014 година склучува договор со “Бетон” за изградба на мостот и за придружни објекти. Изградбата почнува следната година. И ден-денес е нејасно кој е иницијаторот за овој прескап проект.