
Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска сподели дека денеска ги посетила домовите на госпоѓа Нада и госпоѓа Љубица, кои се нејзини сограѓанки од општина Кисела Вода и кои веќе ја користат услугата „Итно копче“.
„Разговаравме топло и искрено за нивното секојдневие. Ми раскажаа колку овој мал уред им значи за нивниот мир и сигурност. Со задоволство сакам да информирам дека оваа услуга продолжува непречено за сите 40 досегашни корисници во нивните домови“, истакна Стаменкоска Трајкоска, додавајќи дека оваа важна поддршка за лицата над 65 години ја реализираат преку успешната соработка со Црвениот крст.
Градоначалничката исто така посочи дека повозрасните граѓани на Кисела Вода имаат на располагање 20 лиценцирани негователи и дека преку уредот, тие добиваат 24/7 поддршка за секоја итна состојба.
„Обучените лица нудат прва помош и прва психолошка поддршка. Обезбеден е и транспорт до здравствена установа со специјални возила кога е најпотребно. За сè да функционира беспрекорно, аларм-уредите имаат бесплатна дневна техничка поддршка“, објаснува градоначалничката.
Таа порача дека е важно највозрасни жители да имаат спокојна старост и да знаат дека во секој момент имаат стручен тим подготвен да реагира и да им помогне.