
Градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски денеска информираше дека реконструкцијата на улицата „1558“ во населбата Радишани ќе продолжи.
„Не дозволив неквалитетна изведба на улицата и првиот изведувач беше стопиран и отстранет од работа поради тоа“, вели Костовски во објава на Фејсбук, додавајќи дека повеќе од 40 години оваа сообраќајница никој не ја реконструирал.
Тој истакна дека ова било уште една потврда на ветеното и уште еден чекор кон обнова и подобрување на патната инфраструктура на општина Бутел.
Градоначалникот воедно упати благодарност до министерот Александар Николовски за одличната соработка.
Инаку улицата „1558” е со површина од 4.281 метри квадратни и должина од 658 метри, а проектот се реализира во соработка со Министерството за транспорт и врски.