Продолжува реализацијата на проектот „Купи куќа купи стан“

Градежната комора на Македонија го поддржува проектoт  „Купи куќа купи стан“ од самиот почеток на неговата промоција и смета дека со новите услови дополнително ќе се влијае на  стимулирање на продажба на нови станови за млади луѓе.

Дополнително се поддржува пораст на градежниот сектор во делот на високоградба преку градење на нови станбени единици, задржување на постојните и генерирање нови вработувања, а сето тоа ќе влијае врз пораст на целокупната економија, беше истакнато на денешната прес конференција во Сојуз на стопански комори на Македонија.

Претседателот на Градежна комора на Македонија,  Ивица Јаќимовски истакна дека со овој проект бенифити имаат и компаниите преку зголемената продажба на изградени високо квалитетни и енергетски ефикасни станови, младите луѓе кои со многу поволни услови ќе можат да дојдат до нов стан, локалните самоуправи  но и централната власт.

„Градежната комора на Македонија која е единствената комора која го обединува градежниот сектор, го поддржува проектот Купи куќа купи стан бидејќи тој е во заеднички интерес на сите, а пред се на граѓаните кои полесно ќе се одлучат да инвестираат во својата иднина и да останат да живеат и работат во Македонија. Покрај тоа овој проект ќе придонесе и за развој на руралните општини каде цената за изградба на објекти во високоградба по метар квадратен е значително пониска во однос на централното градско подрачје.  Тоа ќе придонесе и за развој на другите стопански гранки во нашата земја како и со директни инвестиции за развој на општините“, истакна Јаќимовски.

Министерството за финансии изготви прирачник за проектот „Купи куќа, купи стан“, кој е поставен на веб-страницата на Министерството. Од финансии велат дека за неполни три месеци откако стапиле на сила новите услови, интересот кај граѓаните е голем, а причина за тоа се намалените каматни стапки, новиот модел „Купи стан за млади“, како и дополнителната едногодишна субвенција на месечната рата за секое новородено или посвоено дете.