
Од ЈУ Национален парк Шар Планина информираа дека на 17 септември продолжиле активностите за поставување нови патокази и столбови долж Вакафската патека, летната планинарска патека од Попова Шапка до Титов Врв, со логистичка поддршка од Националниот парк.
„Паралелно, од терен беа собрани и транспортирани дел од старите прозорци од кулата на Титов Врв, како и дел од уништените столбови од зимската маркација. Ја поддржуваме иницијативата за обновување на оштетената планинарска инфраструктура и подобрување на безбедноста на посетителите пред претстојната зимска сезона“, посочија од НШ Шар Планина.
Оттаму потсетија дека неодамна беа уништени, оштетени или отстранети повеќе од 45 од вкупно 112 столбови на зимската патека Попова Шапка – Титов Врв.
„Зимската маркација не е поставена случајно. Таа е изведена според пропишаните стандарди, со наизменични црвени и жолти ленти со висока видливост, за да обезбеди ориентација во снег, магла и намалена видливост. На одредени делови зимската траса намерно отстапува од летната, со цел да се избегнат терени со лавински ризик“, објаснуваат од Националниот парк.

За тоа колку е важна оваа инфраструктура, тие велат дека покажал и неодамнешниот случај со планинарка од Бугарија која се изгуби токму во реонот каде што беа исечени столбовите.
„За среќа, настанот заврши со среќен крај, но е сериозно предупредување за ризиците од оштетената маркација. Не можеме со сигурност да тврдиме дека недостигот на столбовите бил единствената причина за губењето, но исправната сигнализација е важен предуслов за безбедна ориентација. Нашата визија е Шар Планина да се развива како безбедна, одржлива и препознатлива планинска дестинација. За тоа се потребни уредени патеки, соодветна инфраструктура, јасни правила и одговорно однесување од сите“, нагласија од НП Шар Планина, кои воедно опатија благодарност до иницијаторите, волонтерите и сите кои повторно вложуваат време и труд за да го обноват она што беше уништено.
Порачаа дека активностите ќе продолжат во зависност од временските услови, со цел подобра подготвеност пред зимската сезона 2026–2027.
„Очекуваме дека овој пат ќе преовладуваат човечноста и разумот и дека обновената инфраструктура ќе остане недопрена, во служба на безбедноста на сите планинари“, наведуваат оттаму.