Продолжува легализацијата на дивоградби, но со поскапи комуналии

За 50% поскапи комуналии за легализација на дивоградби. Новиот закон за градба нема да ја исклучи и опцијата за рушење на објектите доколку не се вклопуваат во деталните урбанистички планови на општините. Можност за легализација ќе имаат сите објекти, независно од периодот кога се изградени, но непочитувањето на законот ќе ги чини поскапо сопствениците на имотот.

“Ние под правичност подразбираме изедначување на луѓето кои ги почитувале законските прописи и плаќање казна за оние кои не ги почитувале, а не да бидат подредени граѓаните кои редовно си ги подмирувале давачките наспроти оние кои влегувале во свесно кршење на законот. Мора да се направи, да речам, изедначување, во смисла на тоа дека сите во оваа држава ќе треба да си ги плаќаат соодветно давачките. Не може преку дивоградби да се креира социјална политика”, вели Петре Шилегов, претседател на ЗЕЛС и градоначалник на Скопје.

Претставници од Министерството за транспорт и ЗЕЛС ќе изготват ново законско решение, што, нема да креира само обврски за општините, туку ќе им даде и определени права.

“Во стариот закон имавте една обична изјава дека објектот постоел пред 2011 година и ќе платевте по 1 евро за метар квадратен. Потоа се правеше притисок врз општините да биде изградена инфраструктура, улици, сите тие работи и ги доведуваше граѓаните во нерамноправна положба затоа што зошто некој што плаќал, сега де факто е казнет?”, изјави Петре Шилегов, претседател на ЗЕЛС и градоначалник на Скопје.

Од градежните комори не сакаат да коментираат пред да го видат новиот закон, но велат дека уште една легализација на градбите не е добар потег бидејќи ги става во неправедна ситуација тие кои граделе легално и плаќале комуналии.

Според податоците на ЗЕЛС, во земјава има повеќе од 70.000 нелегализирани индивидуални и деловни објекти. Претходно, неколку пати беше пролонгиран рокот за легализација на дивоградби изградени до 2011 година, по повластена цена од едно евро за метар квадратен.