Продолжува акцијата за садење дрвја во општина Аеродром

Продолжува акцијата за засадување на 1.800 високостеблести дрвја што се спроведува на територијата на општина Аеродром, информираат оттаму.

„Деновиве над 120 различни видa дрвја се засадуваат на две локации на улицата „Методија Шаторов-Шарло“ и над 60 по должината на улицата „Коста Новаковиќ“ во стар Аеродром. Исто така, дрвја се засадуваат и на две локации во реонски центар – Аеродром, односно 35 садници на улицата „1612“, како и 100 парчиња на потегот на секундарната сообраќајница паралелна со булеварот „Видео Смилевски-Бато““, се наведува во соопштението од општината.

Во изминатите десетина дена, кога започнала акцијата, опфатени биле и просторот околу ООУ „Лазо Ангеловски“ во Ново Лисиче, пред ООУ „Александар Македонски“, улицата „Бојмија“, како и кружниот тек кај поликлиниката „Јане Сандански“.

За овој проект, велат од општина Аеродром издвоени се 8 милиони денари од буџетот, а исто толку се предвидени и за наредната година. „Општина Аеродром останува посветена на грижата за животната средина и ги презема сите мерки во нејзина надлежност за решавање на прашањата поврзани со аерозагадувањето“, стои во соопштението.