Продолжи судењето за убиствата на Вања и Панче, го нема клучниот сведок Гоце Трајковски

Со испитување на сведоци на предлог на обвинителството во Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжи судењето за двојното убиство на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски.

На почетокот од денешното рочиште, јавната обвинителка Жаклина Трајковска, извести дека предложениот сведок Гоце Трајковски нема да сведочи бидејќи не успеале да го обезбедат.

- Во однос на сведокот Гоце Трајковски. При известувањето од МВР, бевме информирани дека тој не претстојува на неговата адреса и не е достапен на органите на прогон, рече обвинителката.

Адвокатот на таткото на Вања Ѓорчевска, адвокат Владимир Туфегџиќ, побара исказот на Трајковски од обвинителството да биде прочитан како доказ, на што судијата одговори дека ќе се потруди да го обезбеди сведокот да сведочи.

- Судењето сѐ уште трае, ќе се обидам да го обезбедам сведокот да сведочи, рече судијата Ивица Стефановски.

На изминатите рочишта сведочеа семејствата на убиените како и повеќе лица вклучени во истрагата за двете убиства, меѓу кои инспектори и членови на политичката партија „Десна“.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.