Продлабочување на партнерството меѓу Скопје и Загреб и „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“, во фокусот на средбата Ѓорѓиевски-Тигањ

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска оствари средба со амбасадорката на Република Хрватска во Република Македонија, Нивес Тигањ, при што разговараа за можностите за унапредување на соработката меѓу збратимените градови Скопје и Загреб.

На средбата акцентот беше ставен на размената на знаења, искуства и европски добри практики во повеќе области од заеднички интерес, со цел нивна примена во развојот на современи и одржливи решенија што ќе придонесат за подобар квалитет на живот на граѓаните.

Посебно внимание беше посветено на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“, при што беше разговарано за неговата меѓународна промоција, културната размена и поврзувањето на Скопје со европските градови, институции и културни мрежи.

Соговорниците оценија дека овој проект претставува значајна можност за промоција на Скопје како современ европски културен центар што ги обединува богатото историско наследство, културната разновидност и современото творештво.

На средбата беше изразена подготвеност за понатамошно продлабочување на партнерството меѓу Скопје и Загреб преку реализација на конкретни заеднички проекти и иницијативи, кои ќе придонесат за зајакнување на пријателските односи меѓу Северна Македонија и Хрватска и ќе донесат придобивки за граѓаните на двете земји.