Продавачка во маркет: Посна сарма и зелник, печена и пржена риба, колачи – се има за домаќинките кои немаат време за готвење

Новогодишните и божикните празници секогаш се поврзани со многу храна. Домаќинките обично со денови порано ги прават подготовките за овие денови.

Како оди времето напред, така многу домаќинки, домашното спремање на јадење го заменуваат со купеното.

Тања е вработена во еден скопски маркет каде што се продава готова храна. Таа вели дека од ден на ден се повеќе се зголемува побарувачката на готовата храна, а особено за празниците.

-Ако порано пример сме продавале по 10 зелници за Бадник, сега продаваме по 100. Тоа е голема бројка, вели таа.

Од посна и мрсна сарма, зелник со праз или зелка, пржена или печена риба, слатки работи, било какво месо, и секој вид на домашни јадења може да се најде таму.

Брзиот и динамичниот живот на женит некогаш не им дозволува за да се затворат во кујните и да спремаат со денови или со часови.

-Кога започна периодот на славите многу домаќинки, дојдоа да си нарачат ситни колачиња, риби, месо. И не станува збор само за младите жени, туку и оние повозрасните. Истото се случи и сега за Нова година, како и за Бадник. Многу домаќинки се одлучуваат да си купат, наместо да си прават. Тоа е сосема нормално. И јас порано имав лошо мислење за тоа да се купува нешто, но сега, ретко и кога се затварам дома во кујна. Сепак секој си го цени своето време, додава Тања.

И не само кога станува збор за некој празник или домашна слава, таа вели дека и многу семејства секојдневно си купуваат готово јадење. Се знае дека до 16 часот рафтовите треба да бидат полни, бидејќи дел од луѓето тогаш завршуваат со работа.

Цената им е привлечна, па затоа и многу се одлучуваат на тоа, раскажува таа. Сега за Бадник, цената на еден зелник била 200 денари, а две парчиња печена риба се 100 денари. Вели дека за 100 денари имаш добар оброк. Пример ориз и парче месо, или пак грав и парче колбас, што е сосема доволно за еден човек.