Признанија за најуспешните ученици – спортисти во Карпош

На новите терени на фудбалското и кошаркарско игралиште во ООУ „Јан Амос Коменски“ денеска се одржа доделување на признанија на најуспешните ученици – спортисти во Училишните спортски лиги во ракомет, фудбал, кошарка и одбојка, а наградени беа и професори по физичко образование.

На овој спортски настан присуствуваа и дел од нашите спортски легенди во ракомет и кошарка, Валентина Радуловиќ и Ѓорѓи Чековски, како и селекторот на Одбојкарската федерација, Дејан Стојанов и нашиот перспективен фудбалер Дарко Чурлинов.

Овие спортисти заедно со градоначалникот Стефан Богоев ги доделија признанијата за најуспешните, при што најдобрите спортисти – ученици добија еднократна парична поддршка во вредност од 8.000 денари.

- Карпош ги има едни од најдобро организираните Училишни спортски лиги, а присуството на овие врвни спортисти е потврда за квалитетот на истите. Општината изминатата година сериозно инвестираше во подобрување на спортската инфраструктура, па затоа имаме нови терени во ООУ „Јан Амос Коменски“ и ООУ „Војдан Чернодрински“, рече Богоев.

 Градоначалникот се потсети и на моментите кога тој учествувал во системот на натпреварувања во основното образование и ги мотивираше учениците да работат на остварување на својот сон.

Присутните ученици – спортисти имаа можност да разменат мислења со искусните професионалци Радуловиќ, Чековски и Чурлинов, за нивните планови и сериозноста да се занимаваат со спорт на професионален начин.