Привршува реконструкцијата на студентскиот дом „Гоце Делчев“ (фото)

Влезот на студентскиот дом „Гоце Делчев“ наликува на градилиште. Ама внатре, во блоковите В и Г, сликата е поинаква. Реконструкцијата на блокот В е веќе завршена, а привршуваат и активностите во блокот Г, каде што мајсторите работеа на првиот кат, ги молерисуваа ѕидовите на кои претходно била поставена изолација, а кои јавноста, особено студентите што престојувале таму, ги паметат по влагата и непријатниот мирис што се ширеше во собите и низ ходниците, пренесува Независен.

 

Поставена е целосно нова електрична и водоводна инсталација, блоковите се климатизирани, поставен е нов под, радијатори, обновени се собите, во тоалетите се ставени нови тоалетни школки, тушеви, огледала.

Нови врати и прозорци, а извршена е и замена на старите лифтови со нови.

Старите претставуваа голема мака за студентите особено при вселувањето во висококатниците од по 14 ката, бидејќи често се расипуваа, па беа принудени куферите да ги качуваат по скали.

Носеа и греалки за во зимскиот период да се стоплат во студентите соби. Од осумдесеттите години е останат само бојлерот за санитарна топла вода. Останува уште да се објави тендерот за набавка на мебел по мерка за собите за овие блокови.