Привлечност или вистинска врска: како да знаеме што е што?

Понекогаш ќе сретнеме некого и веднаш ќе почувствуваме нешто силно. Срцето ни чука побрзо, смеата тече лесно, зборовите се какo да сме се знаеле цел живот.

Photo by Asad Photo Maldives

Тоа чувство често го нарекуваме „хемија“. Но дали хемијата значи дека сме компатибилни? Дали тоа што некого силно го посакуваме значи дека сме добар пар долгорочно?

Многу од нас се збунети меѓу овие две– привлечноста што брзо се појавува, а од друга страна и способноста навистина да изградиме здрав и стабилен однос. Привлечноста може да биде многу возбудлива, но не значи секогаш дека тој однос е добар за нас. Понекогаш чувствуваме силна хемија со луѓе кои се емотивно недостапни или кои ни носат повеќе стрес отколку мир. Причината за ова може да лежи во нашите стари емотивни рани или несвесни навики, нè привлекува она што ни е познато, дури и кога не е здраво.

Од друга страна, компатибилноста не секогаш доаѓа со огномет. Тоа е чувство на сигурност. Со некоја личност е лесно да се разговара, да се решаваат проблеми без расправии, да се биде свој. Со таа личност не чувствуваш дека мораш да се докажуваш или да глумиш. Се чувствуваш мирно, стабилно, прифатено.

Проблемот е што понекогаш мирот ни изгледа здодевен ако сме навикнати на љубов што боли. Затоа некогаш ја одбиваме добрата врска, мислејќи дека нема „искра“. А можеби искрата не недостасува, туку само не сме навикнати на спокојство. Тоа не значи дека треба да се задоволиме со нешто што не нè возбудува, туку да научиме да правиме разлика меѓу возбудата што доаѓа од вистинска блискост и онаа што доаѓа од несигурност.

Најважното прашање што можеме да си го поставиме е: дали оваа личност ми носи мир или ме прави анксиозен/на? Дали се чувствувам слободно да бидам јас, или се плашам дека ќе бидам одбиен/а? Дали можеме да зборуваме кога е тешко, или сè се распаѓа на првиот конфликт?

Привлечноста е важна. Но ако сакаме врска што ќе трае, треба да гледаме подлабоко. Треба да бараме личност со која не само што има искра, туку има и темел.