Приведени антиваксери во Хрватска, осомничени за тероризам

Во пет хрватски окрузи приведени се најмалку пет лица, меѓу кои и водачот на антиваксерите Марко Францишковиќ. Сите се осомничени за јавно поттикнување на тероризам, објави хрватскиот портал „Индекс“.

Станува збор за истрага поради сомнеж за дејствија за поттикнување на кршење на основните уставни, политички, економски и општествени темели на Хрватска со напаѓање на физичкиот интегритет на други лица и јавни објекти.

– Во денешните акции се опфатени повеќе лица кои се под надзор на полицијата – се вели во соопштението и се додава дека во наредните денови полицијата ќе работи на собирање докази со претрес на објекти, возила и друга опрема.

„Индекс“ пренесува дека меѓу приведените се и Марко Францишковиќ, еден од говорниците на неодамнешниот протест против ковид-сертификатите во Загреб и Шибеник, Натко Ковачевиќ, теоретичар на заговор кој во 2016 година во емисијата на ХРТ изнесе теории за „Бил Гејтс кој сака да ги убие Хрватите“. Порталот дознава дека меѓу приведените е и Денис Башнец, кој се претставува како лекар по природна медицина, фитотерапевт, билкар и нутриционист.

Хрватските власти додаваат дека станува збор за лица кои организирале акции во затворени групи преку апликацијата „Телеграм“ за да протестираат против ковид-сертификатите во Загреб, а некои од нив, како што се наведува, предложиле и насилни акции.