Приведен скопјанец, крадел низ Битола и Охрид

Полициски службеници од Отсекот за општ криминал при Oдделението за криминалистичка полиција во СВР Битола, во координација и содејство со полициски службеници од Отсекот за општ криминал при Одделението за криминалистичка полиција во СВР Охрид во саботата го лишиле од слобода Р.М.(21) од Скопје, поради сомнение дека извршил повеќе кривични дела „тешка кражба“ и „кражба“ на подрачјето на Битола и Охрид, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи.

По целосно документирање на случајот, како што се посочува во соопштението, СВР Битола и СВР Охрид до надлежното Јавно обвинителство, против осомничениот ќе поднесенат кривични пријави за вкупно 33 кривични дела.

Од нив 23 ги извршил во Битола, односно две кривични дела „тешка кражба“ во продавница, две кривични дела „тешка кражба“ на велосипед, две кривични дела „кражба“ на велосипед и 17 кривични дела „тешка кражба“ во патнички возила, додека на подрачјето на Охрид извршил вкупно 10 кривични дела, од кои две кривични дела „тешка кражба“ на велосипед и осум кривични дела „тешка кражба“ во патнички возила, се додава во соопштението.