Притвор за три лица поради трговија со дрога, се обиделе да продадат 5 килограми марихуана

Основното јавно обвинителство Гевгелија информираше дека е поведена истражна постапка против три лица, кои се сомничат дека учестувале и посредувале во продажба на околу 5 килограми марихуана

„Три килограми од дрогата се договориле да ја продадат на купувач – грчки државјанин за сума од 9.000 евра. При обид да ја продадат дрогата на локација во Дојран, полициски службеници ги затекнале. На лице место биле уапсени двајца од осомничените, додека третиот се дал во бегство, но набрзо и тој бил приведен. Дополнително, во близина на Богданци е пронајдена преостанатата дрога која им била наменета за продажба“, соопштуваат од обвинителството.

Од ОЈО Гевгелија посочуваат дека поради образложение дека осомничените би можеле да се дадат во бегство, да ја попречуваат истрагата со влијание врз сведоците или соучесниците, да ги сокријат или да ги уништат трагите од кривичното дело, но и дека ќе го повторат делото за кое се гонат, јавниот обвинител до Судот достави предлог за определување мерка притвор за сите тројца осомничени.