Пристигнаа уште 149 граѓани од Авганистан за кои Северна Македонија обезбедува привремен престој

Нова група од 149 граѓани од Авганистан пристигна доцна синоќа на Меѓународниот аеродром во Скопје. Како што информираат од владината прес-служба, станува збор за стипендисти на Фондациите Отворено општество и граѓани кои работеле во меѓународните мисии за развој на демократијата во Авганистан, како и членови на нивните семејства.

Граѓаните ќе бидат привремено сместени во Скопје додека не се обезбеди трансфер до нивната крајна дестинација, додека трошоците во целост се покриени од меѓународните организации.

-По слетувањето доцна синоќа беше спроведена стандардна процедура, безбедносна проверка и заштита, медицинска поддршка, ПЦР тест и можност за вакцина. Црвениот крст им подели хигиенски пакети и облека, а дополнително и за лицата кои претходно пристигнаа во Северна Македонија, Црениот крст дистрибуираше дополнителни средства за хигиена, зимска облека и обувки, се вели во соопштението.

Република Северна Македонија, се вели во соопштението од владината прес-служба, останува посветена како дел од меѓународната хуманитарна акција за помош на граѓани од Авганистан кои во изминатиов период работеа на подобрување на човековите права, демократијата и мирот и досега во земјава на привремен престој пристигнаа вкупно 450 граѓани на Авганистан.