Пристигнаа новите комунални возила за Град Скопје

Новите специјализирани возила за ЈП „Комунална хигиена“ веќе се предадени на Град Скопје, а по завршувањето на потребните правни процедури, во наредните денови ќе бидат ставени во функција.

Во исто време, до крајот на неделава се очекува да пристигне и првата испорака од вкупно 3.300 нови контејнери, што од Градот ја оценуваат како најголема набавка досега.

Од Град Скопје велат дека подобрувањето на комуналната хигиена е еден од приоритетите, но истовремено апелираат и до граѓаните да придонесат за одржување на јавните површини.

„Чистиот град значи здравје, достоинство и подобар живот за сите. Затоа, секој од нас има одговорност да го чува. Нашата работа нека биде поттик за поголема грижа, а секоја чиста улица обврска таква и да остане“, порача првиот човек на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски. 

Оттаму додаваат дека Скопје со години се соочувало со проблеми во одржувањето на комуналната хигиена и најавуваат промени преку нова опрема, повеќе контејнери и поефикасно работење на терен.

„Со силна волја, макотрпна работа и заедничка одговорност, Скопје повторно ќе биде горд град“, наведуваат од Град Скопје.