Природно боење велигденски јајца со бои од кујната што изгледаат поубаво од купечките

Секоја година за Велигден се обидуваме трпезата да изгледа убаво, топло и празнично, а природното боење јајца е еден од најубавите начини тоа да се направи, затоа што не само што е еколошки, туку и едноставно.

Photo by ROMAN ODINTSOV

Тоа ни помага да дојдеме до нежни, природни нијанси кои изгледаат многу поелегантно од силните вештачки бои. Она што е најубаво е што речиси сите бои можете да ги добиете од работи кои веќе ги имате во кујната.

На пример, од црвена зелка се добиваат прекрасни сини и светло виолетови нијанси, од куркума се добива силна жолта боја, од лушпи од кромид се добиваат топли портокалово-кафени тонови, од цвекло нежна розева боја, а од магдонос, спанаќ или коприва се добиваат светло зелени нијанси кои симболизираат пролет и нов почеток. Кога ќе ги ставите сите овие бои заедно, добивате трпеза која изгледа природно, топло и многу поразлично од класичните еднобојни јајца.

Постапката е речиси иста за сите природни бои и е многу едноставна, во тенџере се става вода и состојката од која сакате да ја добиете бојата, на пример сечкана црвена зелка, лушпи од кромид, рендано цвекло, куркума или магдонос, по што водата треба да врие околу 20 до 30 минути за да се извлече бојата, потоа течноста се процедува и се додава една лажица оцет за бојата подобро да се фати за јајцето.

Варените бели јајца се ставаат во таа течност и се оставаат најмалку еден час, а ако сакате поинтензивна боја можете да ги оставите и неколку часа или преку ноќ во фрижидер, при што секое јајце ќе излезе различно и токму во тоа е убавината, затоа што ништо не изгледа вештачки или совршено, туку природно и топло.

Природното боење јајца не е само начин да добиете убави бои, туку и мал ритуал на подготовка за празникот, мирис на зеленчук и зачини во кујната, чувство дека правите нешто бавно и со внимание, нешто што нè потсетува на детството, на бабите, на старите велигденски утра и на тоа дека празниците не се само во украсите и храната, туку во атмосферата, времето поминато дома и малите работи што ги правиме со љубов.