Природни козметички препарати според рецепти од интернет? Размислете уште еднаш

Долг период погрешно веруваме дека состојки кои ги користиме во исхрана можат да бидат и соодветни за нега на кожата. 

Поради тоа, многу луѓе на лицето ставаат домашни маски од овесни снегулки, банана, лимон, краставица, бадемово млеко и нивни мешавини, што во теорија би требало да функционира, но во пракса, може целосно да го наруши балансот на корисни микроорганизми и природната заштита на самата кожна бариера. 

Ваквите маски за лице добиваат уште поголема популарност доколку се презентирани од познати блогерки. 

Пред некоја година, во екот на популарноста на црната маска за отстранување митесери, неколку блогерки советуваа да ја направите дома со млеко, желатин, активен јаглен и малку лепак. Нема потреба да се каже дека кај многу девојки ова предизвика иритации на кожата, па дури и лупење на површинскиот слој. 

Потоа, популарна беше негата на лице со маслиново масло. Она што многумина го советуваа е вадење на шминката со малку маслиново масло на парче памук. Навистина, шминката се вади поефикасно, но по некое време кожата се презаситува, порите се полнат со маснотија и нечистотии и се појавуваат акни. 

Последна во низата е маската за лице од лимон и куркума. Наводно, ако се направи паста од куркума во прав и сок од еден лимон, се добива маска за лице која ги осветлува пегите и го измазнува лицето.

Но, едно нешто, намерно или случајно, е заборавено во целата приказна. По отстранувањето, оваа маска остава непријатна жолта боја на лицето, која е особено видлива кај девојките со светол скандинавски тен. 

Всушност, оваа идеја потекнува од блогерките од Индија, чиј тен е доста потемен од нашиот и на нивното лице куркумата можеби го дава посакуваниот сјај.

Но, кај девојките со бела кожа, потребен е многу голем дополнителен напор за да се неутрализира жолтата нијанса, а исчезнува по еден или два дена. 

Затоа, пред да експериментирате со природните козметички трикови од интернет, потрошете повеќе време истражувајќи дали тоа би ви било корисно или пак, само ќе си направите проблем.