
Македонската Армија минува низ интензивен период на модернизација, кој опфаќа набавка на современа воена опрема, системски реформи и нов Колективен договор, подобрување на условите за работа и повисок стандард за сите нејзини припадници, истакна министерот за одбрана Владо Мисајловски во гостување на Канал 5 телевизија, притоа нагласувајќи дека сите системи што се купуваат, набавките, модернизацијата, но и обуките, тренинзите и вежбите „се на едно огромно ниво, рамо до рамо со сите НАТО земји членки“.
Во однос на стандардот на вработените, министерот најави покачување на примањата од почетокот на следната година и трајно решение за статусот на професионалните војници.
„Од 1 јануари сите ќе бидат задоволни, предвидуваме средства во новиот буџет за зголемување на платите во Армијата. Очекувам следната недела да имаме пречистен текст на Колективниот договор со сите синдикати. Секој еден војник што завршува 45 години ќе има можност да остане во Министерството за одбрана, да замине во друга институција во државата или да си земе отпремнина“, изјави Мисајловски.
Меѓу другото, тој посочи дека паралелно се спроведуваат сите големи договори за модернизација, меѓу кои и набавката на хеликоптерите од италијанската компанија „Леонардо“.
„Би требало до крајот на годината да стигнат два воздухоплови, следната исто така, и до завршување на договорот да стигнат сите осум воздухоплови. Кога го затекнав Министерството, имаше само еден хеликоптер во функција, а сега го ставаме и третиот. По десет години запоставеност, го обновуваме и Центарот за обука на пилоти во Петровец, каде што преку нови катедри на Воената академија ќе произведуваме нов пилотски и технички кадар“, истакна Мисајловски.
Во однос на иницијативите во регионот за враќање на задолжителниот воен рок, Мисајловски појасни дека во овој момент такво нешто не се планира.
„Во овој момент не го работиме тоа и такво нешто не се бара од НАТО. Меѓутоа, доколку дојде таква иницијатива од нашите сојузници и се отвори прашањето во општеството, тогаш треба внимателно да се планира и да се создадат потребните капацитети“, нагласи министерот.