Принудна пензија за над 1000 вработени во администрацијата

Вработени во државниот и јавниот сектор ширум државата добиле негативни решенија од функционерите на власт дека не им се одобрува правото на продолжување на работен однос и истите спротивно на волјата мораат да заминат во пензија до крајот на 2018-та година.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, веќе почнала да им дели решенија за заминување во пензија, велат извори за редакцијата на Курир.

Според образложенијата, не биле планирани да останат на работа бидејќи не поднеле писмена изјава во 2017-та година, иако според вработените во тој период важеле други одредби од Законот за работни односи.

Исто така, Царовска во решенијата погрешно го применила материјалното право, повикувајќи се на укинатата одредба на Уставен суд У.бр.114/2014-1 од 29.06.2016 година (Службен весник на Република Македонија бр.134/2016), со која е укинат  член 104 став 2 од Законот за работни односи во делот: Жена со навршени 65 години живот, а на мажот со навршени 67 години живот.

Правните експерти кои редакцијата на Курир ги консултирала, потврдуваат дека ова е чиста манипулација со вработените граѓани, а негативните решенија ги оквалификуваа  како аматерски, нејасни, неразбирливи, контрадикторни и засновани на одредби од Законот за работните односи кои се вон сила.

Измените и дополнувањата на Законот за работни односи биле усвоени молчешкум на предлог на министерството за труд и социјална политика во јуни годинава, и тоа во екот на најголемите бранувања на политичката сцена и користење на годишни одмори од страна на администрацијата. Истите се објавени во Службен весник бр.120/2018, а на веб страната на Министерството за труд и социјална политика биле прикачени дури по 31-ви август годинава, кога веќе измина законски утврдениот рок, велат вработените.

Според нив, ова е далеку од транспарентност во работењето на Царовска која свесно ги донела во заблуда и дел од нив да го изгубат правото на продолжување како во 2018-та,  така и за 2019-та година.