Примателите на социјална помош од оваа скопска општина ќе добиваат по 1.000 денари месечно помош за струја

Општина Аеродром носи економски и социјален пакет за помош на најпогодените категории граѓани!

Mеѓу сетот мерки што се предвидени да бидат донесени на денешната седница на Советот е опфатена месечната субвенција за струја во износ од 1.000 денари, која им следува на сите приматели на социјална помош што живеат на територијата на Општина Аеродром.  

-Со оваа мерка сакаме да им помогнеме на оние граѓани кои се најпогодени од енергетската криза и да им ги олесниме трошоците во периодот што следува, велат надлежните. 

Како што истакна градоначалникот Тимчо Муцунски, средствата за овој социјален пакет ќе бидат обезбедени од скратените непродуктивни давачки кои до сега се трошеа на репрезентација и патни трошоци.

- Решението за кризата која ја чувствуваме е да ги сведеме непродуктивните трошоци на нула, да инвестираме во инфраструктурни проекти како што е нови училишта, градинки и паркови, но истовремено да помогнеме на оние кои им е најпотребно. Не е сè идеално и можеме многу подобро, но ги уверувам аеродромци дека имаме тим кој работи посветено, ги идентификува сите проблеми и во овој четиригодишен мандат ќе покажеме успех врз основа на кој добивме доверба на изборите, заклучи градоначалникот Муцунски.