Приказната за иконата на банкнотата од 200 денари

Старозаветна сцена со претстава на ликовите Исус Навин (Јошуа) и Kалеб, претставена на керамичка икона од 5 и 6 век, пронајдена во шеесеттите години на Виничкото кале близу Виница, е мотивот претставен на новата банкнота од 200 денари, која беше пуштена во оптек на 15 декември.

Како што пишува Дневник, станува збор за сцена од Стaриот завет, преку која е доловен важен момент од воената историја на Евреите. Теракотната икона е една од колекцијата на керамички релјефи, популарно познати како теракотни икони, кои се единствени во светот. Потврда за тоа е изложбата во музејот „Ашмолијан“ во Оксфорд, каде што ќе бидат изложени годинава.

Kакво е значењето на теракотните икони, кога биле пронајдени? Приказната ја раскажува Јулијана Иванова, директорката на музејот „Теракота“ во Виница.

Првите релјефни примероци ги пронашле локални жители, кои имале свои лозја на Kалето, во 60-тите години на минатиот век. Тогаш биле пронајдени два цели примерока од теракотната икона Архангел Михаил, а подоцна и други фрагменти од други мотиви. Првите археолошки истражувања на Виничкото кале во 1985 година ги спровел Музејот на Македонија под раководство на д-р Kоста Балабанов и кустосот-советник Цоне Kрстевски.

- Тогаш се пронајдени поголем дел од мотивите на теракотните икони, а од некои има и по неколку реплики. Од иконата Јошуа и Kалеб се пронајдени три цели примероци и повеќе фрагменти, во еден поголем резиденцијален објект на Kалето - објаснува Иванова.

Во колекцијата има околу 20 мотиви изработени во калап, од кои 13 се препознатливи, и неколку фрагментирани, кои немаат доволно елементи за да бидат целосно комплетирани. Тие се единствените ликовни остварувања од ранохристијанскиот период, од крајот на 5 и 6 век во целиот доцноантички медитерански свет.

- Со својата уникатност во уметничката изведба од најстариот христијански период, виничките релјефи преку својата рустичност и автентичност во иконографската програма и преку концизноста во содржината на пораката, сведочат за длабоката христијанската догма создадена во мугрите на средниот век. Теракотни релјефи со христијански мотиви од истиот период се пронајдени и на археолошки локалитети во северна Африка и пошироко во медитеранската област, но ниту едни не можат да се споредат со иконите од Виничкото кале - вели Иванова.

Виничките теракотни икони долго време беа дел од поставката во Музејот на Македонија.

Со отворањето на музејот „Теракота“ во 2006 година во Виница е изложен најголемиот дел од колекцијата, со неколку цели експонати и фрагментирани мотиви. Со археолошките истражувања на Виничкото кале, од 2008 до 2011 година, музејската збирка е дополнета со нови непознати мотиви. Во Археолошкиот музеј на Македонија денес се изложени 12 теракоти откриени при првите истражувања.

Според Иванова, отворањето на музејот во Виница многу придонело за културната промоција на градот каде што се откриени светски познатите теракотни икони, кои се најекспортираното културно наследство од Македонија.

- Презентирани се на изложби во најголемите светски музеи и центри. Во изминатата деценија музејот „Теракота“ е главен промотор на културното наследство на општината во регионот и пошироко. Н` посетуваат ученици од целата земја, организирани екскурзии, домашни и туристи од странство - вели Иванова.