Приказната за богатиот грчки трговец кој 20 години живеел во Скопје

Приказната за Гркот Зорба на македонскиве простори почнува пролетта во далечната 1922 година кога еден мустаклија слегува од воз на скопската железничка станица, пристигнувајќи од Солун со една од своите ќерки.

Додека носачите ги ваделе неговите куфери од поштенскиот вагон, непознатиот мустаклија се распрашувал кај отправникот на возовите за адресата на хотелот “Ловец”. Држејќи го за рака 10-годишното девојче, тргнал по улицата “Крал Петар”, која почнувала речиси од перонот. Персоналот на хотелот “Ловец” биле разочарани од појавата на господинот кој еден месец однапред резервирал соба. Тие се надевале дека ќе видат господин кој гарантирал голем бакшиш, а наместо тоа пристигнал необично крупен човек со качкет на глава и не наликувал на “вистинските господа” кои престојувале кај нив.

Сопственикот на хотелот им наредил на своите вработени постојано да им бидат на услуга на гостинот и неговата малолетна ќерка бидејќи, како што им рекол, кај нив “престојува богат грчки трговец кој ги закупил на една година собата во хотелот и шупата во дворот”.

Интересот кај вработените пораснал. Подоцна раскажувале дека богатиот Грк бил ситничав околу храната на својата убава ќеркичка и “долго мезел пред да изеде цела тепсија јагнешки парчиња месо со два бокала црно вино”.

Во следните две децении Георгиос (Јоргос) Зорба ќе ги помине во Скопје и ќе биде запаметен по пијанките што ги правел во саботите низ месните кафеани, особено во тогаш многу познатата гостилница “Маргер” на славниот Стојан Воштињаров. Скопските пијаници честопати седнувале на неговата маса и уживале во пијачката и атмосферата која ја правел Зорба. Таму тој ги трошел своите пари, време и здравје. Заминувал во мугра на спиење и од свирачите кои го следеле барал да го испраќаат до хотелската соба, а потоа барал од нив и за тоа им плаќал, кога заминуваат да не му го вртат грбот.

Но, сигурно ве интересира што го натерало/инспирирало Зорба да го прифати Скопје за свој град. Тој бил роден во местото Катерини, Северна Грција. Се оженил за убавата девојка Елени, која била ќерка на богат газда на рудник во кој и самиот работел. Се раскажува дека Елени била единствената жена со која бил венчан, иако подоцна во близина на Скопје тој се оженил за скопјанката/вдовицата Љуба, со која ги минал последните години од животот.

Елени починала на 36 години и со неа Зорба имал осум, а некои велат десет деца. По нејзината смрт, тој со ќеркичката Екатерина заминува во Ниш, Србија и таму купува рудник, како и рудници во околината на скопско Драчево и Зелениково. Се раскажува дека имал купено рудник некаде и на Косово.

Скопје и скопјани посебно ги засакал и уживал во тукашниот живот, а за впечатоците му пишувал на својот пријател Никос Казанѕакис. Тој врз основа на писмата што ги добивал од Зорба го има напишано романот “Гркот Зорба”, во кој го нарече Алексис, а Михалис Какојанис во славниот филм го вика Зорбас.

– Никогаш не сум сретнал човек кој умееше толку добро да се забавува како што беше Зорба. А како само играше сиртаки – им изјавил Казанѕакис на новинарите во Атина.

  

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

За големиот писател, поет, драматург и преведувач, Никос Казанѕакис, Гркот Зорба го ставил во редот на Хомер, Ниче и Бергстон како личности кои го оформиле. Казанѕакис за Зорба ќе рече: “Зорбас ме научи како да го сакам животот и да не се плашам од смртта”. Го запознал на Света Гора во 1915 година во време кога “таму пошол да го бара она што не можел да го најде”.

Последните години од животот Зорба ги поминува во раководење на рудник за ископ на руда и шкрилец и во бескрајно долги разговори и преписки со својот пријател Казанѕакис. Со скопјанката Љуба имал деца кои токму во Македонија основале свои семејства. Починал од срцев удар во 1941 година, неколку месеци откако неговата ќерка Екатерина се омажила за богатиот скопски трговец, Евреинот Никола Јада со кого заминала да живее во Белград. Тие имале син Вангел, кој ја зачувал единствената фотографија од неговиот дедо.

Инаку, познато е дека Зорба пред смртта го замолува селскиот учител кој знаел германски, да му напише на Никос Казанѕакис дека му го остава својот инструмент – сантури. Но, за жал, Казанѕакис никогаш не дошол во Македонија да го земе сантурито на Зорба. Тој починува во 1957 година и е погребан во родниот Крит. Се верува дека зорбиевото сантури се уште се наоѓа во некој долап, во Скопско.

Режисерот Михалис Какојанис, кој во својата кариера создаде многу фимови, никогаш не го повтори светскиот успех со филмот “Гркот Зорба” од 1964 година. Филмот се закити со три “Оскари”, имаше славна актерска екипа: Ентони Квин, Алан Вејтс, Ирена Папас, Лила Кедрова…

Славниот Грк Зорбас почива покрај Киро Славниот Грк Зорбас почива покрај Киро Глигоров на гробиштата “Бутел”.