Приказната на една од најстарите скопски берберници која ги чува спомените од минатото (ФОТО)

На сите ни е позната носталгија за старото Скопје. Неописливо е чувството кога стоиме на место кое има длабока историја и неповторливиот момент на мистичност и љубопитност. Токму такво место е едно мало дуќанче во Скопската населба Ѓорче Петров. Мала стара берберница со име "Нова Мода".. 

Кога ќе влезете внатре ќе забележите дека е берберницата го чува својот спомен од минатото. Од инструментите за работа, до фотографиите закачени по ѕидовите, берберските столици и филџаните за кафе. Младиот бербер е Анѓелко, крстен по неговиот дедо кој е сопственик на берберницата.  Анѓелко помладиот раскажува за неговиот почеток како секој чирак почнал со чистење на дуќанот, па потоа постепено учел и вежбал, се додека не стекнал доволно искуство за и он самиот да почне сериозно да работи. 

Поголемиот дел од нивните редовни муштерии доаѓаат во овој дуќан уште од деца и имаат голем број на приказни и случки поврзани токму со оваа стара берберница.

Дедо Анѓелко почнал да работи како бербер на негови 13 години. На почетокот имал голема поддршка од неговата мајка, но неговиот татко не се согласувал Анѓелко да стане бербер. Поради големата упорност на Анѓелко да продолжи со работата, татко му ги избркал него и мајка му од дома и тие биле принудени да спијат во плевната во нивниот двор. Тоа биле тешки денови, но Анѓелко не се откажал, почнал да заработува како бербер и работите почнале да се подобруваат. По една недела се смириле со неговиот татко. 

Во 1953 година земал диплома како мајстор и во 1955 година го отворил својот прв дуќан. По 10 години работа морале да го срушат дуќанот, но тогаш земал нов односно овој во кој работи и денес. 

"Нова Мода" била една од двете берберници кои постоеле во Ѓорче Петров во тоа време. Прекарот на дедо Анѓелко, Дворски настанал така што бил многу величен од неговите муштерии. Го споредувале со кралски бербери кои биле нарекувани дворјани. Секогаш имал двајца или тројца луѓе што работеле во неговиот дуќан, а он самиот бил многу шетан човек што пасошот си го чувал токму таму во берберницата затоа што никогаш не се знаело кога точно ќе замине на пат. Работата и животот во тоа време биле многу подобри за разлика од сега.

Извор: Точка