Приказна за дрвото кое спаси цело семејство во кобното јулско утро на земјотресот

Денеска се навршуваат точно 58 години од утрото кога разорниот земјотрес го претвори Старо Скопје во пепел. Старите скопјани не го забораваат кобниот ден кога место пријатно изгрејсонце ги разбуди кобна трагедија. 

На социјалната мрежа Фејсбук се споделува интересна приказна за едно дрво кое спасило цело едно семејство во центарот на градот. И не залудно го наредуваат свое „дрво на животот“. 

„Живеевме во куќа во близина на центарот на градот, на улица “ Орце Николов “ градена во турско од ќерпич , греди со шајки од половина метар ! На долниот кат имаше два дуќани, летна кујна и помошни простории, на горниот живеевме ние, повеќечлено семејство! Скалите беа надворешни и мајка ми секоја недела ги чистеше и ги рибаше со четка и жива сода и секогаш беа жолти како дукат! Авлија, со ограда до комшискиот двор со капиџик и пумпа за вода на едниот крај со највкусната вода за пиење! Старинска порта со алка која ги најавуваше гостите и која никогаш не ја заклучувавме. Во тоа време немаше арамии и покрај големата сиромаштија на некои семејства! Еден ден покрај скалите изникна едно дрво! Со годините порасна и стана огромно, со дебело стебло, богата крошна и лисја кои имаа чуден мирис! Не цветаше, не даваше род, само сенка во топлите летни денови и прекрасен украс на старата куќа!“ - се вели во приказната. 

„Мојот дедо беше задолжен да ги собира лисјата кога наесен ќе почнаа да паѓаат! Го викаше “ АБДАЛ “ дрво и секоја есен се токмеше да го исече! Јас бев главниот емисар за преговори испратен од советот на сите членови на семејството кој имаше задача да го попишмани во неговата намера и секогаш ми успеваше да го разубедам, ќе ме послушаше ! И така остануваше до наредната пролет кога повторно ќе разлисташе и ќе ни ја најавеше пролетта!“, се сеќава со посебни емоции ова семејство. 

„Едно утро не разбуди страшен подземен татнеж, природата ја покажа сета своја суровост и осветољубивост ! Старата стогодишна куќа, која изджала многу непогоди, овој пат не издржаа ! Болно офкајќи, крцкајки почна да се тресе и да се руши! Се срушија ѕидовите, а таа со целата своја тежина се потпре на скалите и на огрмното дрво кое ја издржа нејзината тежина! Ете тоа дрво кое повеќе пати беше предмет на расправии и повеќе пати на работ да биде исечено, ги спаси животите на сите нас ,кои мирно спиеа тоа кобно јулско утро! Поздрав и како што велеше дедо ми, секој треба да засади барем едно дрво во текот на својот живот!“, завршува приказната за дрвото кое се покажало како вистинска потпора во моментот кога било најпотребно.