Приказна за чичко Драги од Рекорд: Корка леб дели со кучињата, продава ластичиња од утро до мрак

Повеќе од 30 години Драги Паровски, заедно со еден куп кучиња околу себе е заштитен знак на станицата кај Рекорд, во центарот на градот.

Препознатлив е по малата тезга на која продава ластичиња, од утро до мрак. Секојдневно друштво му прават неколку кучиња, по неколку гулаби и врапчиња, кои се собираат околу него за да добијат храна, која тој редовно им ја дели.

Дели корка леб со кучињата кои му се најверни пријатели и не се жали за истото. Неговата заработка е од 100 до 200 денари дневно и вели дека не се живее од тие пари.

Чичко Драги е опериран од карцином на грлото. Сега нема финансиски средства за преврски и тоа го прави со салфетки, наместо со стерилни гази. Бидејќи не е во состојба да зборува, тој својата приказна ја раскажа на лист хартија.

Вреден и чесен човек, кој се труди сам да заработи за живот и покрај ужасната состојба во која се наоѓа. Повеќето минувачи го одминуваат без да го погледнат, но има и такви кои застануваат до него.

Сѐ повеќе хумани луѓе се самоорганизираат на социјалните мрежи и им помагаат на граѓаните. Последна ваква акција е онаа за чичко Драги. Имено во сабота, во скопскиот кафич Ало Ало ќе има хуманитарна забава за чичко Драги!

Навидум обичен човек но кога подобро ќе го запознаете ќе дознаете дека е со големо срце и душа како планина. Потребна му е помош бидејќи му следува уште една операција. Чичко Драги збори со шепот но неговите искрени очи јас издаваат целата негова добрина. Да бидеме хумани и да му помогнеме на чичко Драги.